Ирачкиот премиер Мохамед Шаја Сабар ал Судани нареди истрага за инцидентот што се случи на аеродромот во Дубаи во петокот, кога мечката избега од сандак во товарниот простор на авион на Ирак Ервејс. Авионот на „Ирак Ервејс“ чекаше да полета од Дубаи кон Багдад, пренесе „Скај Њуз“.
Летот беше одложен бидејќи властите испратија тим да го евтанаизира животното и да го извади од авионот.
Видео клип кој кружи на социјалните мрежи покажува како капетанот на авионот им се извинува на патниците за доцнењето на полетувањето.
Меѓународниот аеродром во Дубаи, најпрометниот во светот за меѓународни патувања, одби да го коментира настанот.
Од „Ирак Ервејс“ изјавија дека не се виновни за ослободување на мечката во товарниот дел од авионот.
Името и видот на мечката не се објавени во јавноста. Чувањето на диви животни како домашни миленици во Ирак, особено во Багдад, стана популарно меѓу богатите. Надлежните се обидуваат да ги спроведат законските одредби поврзани со заштитата на дивите животни.
Полицијата во Багдад претходно ги повика граѓаните да пријават такви случаи за да им помогнат на властите да спречат животните да бидат пуштени на улиците на градот или да завршат како егзотични јадења во рестораните.
Ова не е прв пат мечка да предизвика одложувања на летовите на аеродромите. Во 2021 година, дива кафеава мечка ги прекина летовите во град во северна Јапонија и повреди четири лица пред да биде убиена од властите.