По три години поминати во мал кафез во Штип, мечето Теди ќе замине во подобар живот, односно во резерват за мечки во странство.
Теди бил спасен како бебе од докторот Јовица Угриновски, и било ветено од страна на локалната власт дека ќе добие соодветно живеалиште. Но, и покрај тоа што мечето живее во кафез од два метри квадратни цели три години и се наоѓало во многу лоша состојба, не се реагирало.
Спасот за Теди станува реалност откако Тина Мицковска, портпарол на ЗОО Скопје и активист за правата на животните дознала за случајот и се заангажирала мечето да добие достоинствен живот, со потребната грижа и во соодветно живеалиште.
-Ова нека биде последна тажна слика од мечето Теди. По неколку месечната битка со ветерници, конечно ми е одобрено, 4 Paws и фондацијата на Брижит Бардо да го земат во резерват кој се простира на 150 000 м2 и каде што има и други мечиња како него кои се на ресоцијализација и добиле шанса за подобар живот. За околу 10 дена, Теди доаѓа да го прегледа еден од најдобрите светски ветеринари за диви животни од Германија, а потоа забрзано ги подготвуваме документите и транспортот. Следна фотографија која ќе ја ставам, ќе биде од прегледот, а наредната по таа, Теди и јас насмеани во пространа зелена шума. Ветувам! Во животот многу пати сум се откажала од многу битки, но оваа за Теди ја истуркав до крај и ви благодарам на сите добри луѓе кои ме поддржавте во тоа – порача Мицковска, објавувајќи фотографија од мечето на социјалните мрежи.
Мечето Теди кое треба да замине во резерват во Бугарија или евентуално Швајцарија, не е единственото животно од Македонија кое заминува во подобар живот во странство. Пред повеќе од десет години и шимпанзото Коко од зоолошката градина во Скопје замина на лекување од депресија во Холандија, во престижната Институција за ресоцијализација на шимпанза Алмере, која се наоѓа во близина на Амстердам. Местото е познато како престојувалиште на шимпанза од целиот свет, кои живееле во лоши услови.
Во Холандија беше пренесен со авион, откако претходно го успале, а го придружуваа двајца холандски експерти. Според зоолозите, Коко паднал во депресија бидејќи тешко ја поднесувал осаменоста, и започнал да си ги кубе влакната на телото.
Тогашното раководство на ЗОО Скопје најави дека неговото лекување ќе трае една година, но се одолговлечи на цели десет години.