Малото мече, кое пред четири дена на пат кон Радожда го пронајде стружанецот Гоце Митрески, откако закрепна, вчера беше вратено назад, на местото каде беше пронајдено.
Митрески, кој е голем љубител на животните, за ,,Фокус” вели дека запрел веднаш штом го забележал малото мече како лежи изнемоштено покрај патот.
Не можело ниту да бега, бидејќи било дехидрирано и повредено, а тој во автомобилот имал храна за мачки, која веднаш му ја понудил и така ја добил неговата доверба.
-Мечето само лежеше, исплашено, не можеше ниту да бега. Му дадов од храната за мачки, повикав полиција, и решивме да го земам кај мене, додека да закрепне- вели хуманиот човек.
Мечето, кое го крстиле Медо било прегледано од ветеринар, му била дадена терапија и неколку дена останало кај Митрески.
-Не го чувавме затворено, напротив, во дворот си шеташе цело време, си седеше покрај луѓе, започна добро да јаде – раскажува.
Откако закрепнало, започнало да се храни и да трчка, а повредата на ногата му заздравила, тоа вчера било вратено во својата природна средина, со помош на ловно друштво и државен инспектор за заштита на природата.
По враќањето во природа, мечето повторно било забележано од минувачи како слегува на патот, па се препорачува внимателно возење во близина на Радожда.
Вики Клинчарова