Велешанецот Зоран Тодоровски (38), вчера се самоуби во својот стан во Велес, откако истиот ден тешко ја повредил својата девојка (25), која се бори за живот на скопските клиники.
Тодоровски и е познат на јавноста од настанот кој се случи кон крајот на 2008 година, кога тој на свои 24 години го уби брат му Ане (35).
За убиството сторено со умисла Зоран доби 13 години затвор, а како олеснителна околност била земена неговата младост.
Случајот со братоубиството тогаш се најде во сите медиуми. Иако живееле во иста куќа, браќата со години немале контакт, бидејќи Зоран украл од Ане злато во вредност од околу 500 евра. Велешани тогаш раскажуваа дека уште од млади години тргнал по лоши патишта, и се занимавал со лихварство.
Дента кога се случило убиството, Ане кој бил шофер, се вратил дома од пат. Бил уморен, а Зоран пуштал гласна музика. Ане му рекол на татко му да му каже да ја намали музиката, но Зоран влегол во неговата соба, и пред очите на малолетниот син на Ане, со три убоди од нож го усмртил братот.
Како што раскажуваше сопругата на Ане во судница, неговите последни зборови пред да падне биле – Ме закла! За нивниот син, пред чии очи се случило убиството, раскажа дека последиците уште ги чувствуваат сите, и детето добива психијатриска помош.
По трагедијата, семејството на Ане се отселило од домот во кој се случило убиството.
Зоран вчера се самоуби, откако со пиштол си пукал во пределот на слепоочницата
Вики Клинчарова