Доцна синоќа ги видов снимките со нашите фудбалери кои се забавуваат со песна од татко ми. Со две мали деца сум, обврски околу нив, изгледа јас последна го видов видеото кое ме трогна до срж и започнав да плачам- за ,,Фокус” раскажува Харита Арнаудова, ќерка на легендарниот фолк музичар Гоце Арнаудов.
Неговата песна ,,Ќе пијам, ќе лумпувам” вчера одекнуваше на голем звучник во хотелот во Букурешт, каде е сместена нашата фудбалска репрезентација, а снимката со расположените фудбалери за кратко време стана хит.
Харита вели дека да беше жив татко и, тоа ќе било едно од неговите најубави доживувања, да види како неговите песни одекнуваат пред важните натпревари на ЕП.
-За татко ми фудбалот беше важен исто колку и музиката! Сигурна сум дека ќе најдеше начин да биде со фудбалерите во текот на целото првенство, да ги следи, бодри, забавува, сигурно…
Горан Пандев, или како што ние си го нарекуваме, Гочето и татко ми имаа посебна врска. Многу се почитуваа и сакаа. Горан е наша гордост и ни е како дел од семејството. Татко ми го сакаше како син. Се радуваше на неговите успеси, на раѓањето на неговите деца, затоа што не го дочека раѓањето на нашите…
Пандев и брат ми Оскар заедно беа на финалето помеѓу Интерн и Баерн Минхен во 2010 година, кога Горан успеа да го крене и победничкиот трофеј на лига на шампиони. Убави спомени има цело наше семејство со него – појаснува Харита.
Од име на нејзиното семејство вели дека им се заблагодаруваат на сите наши фудбалери за убавите моменти на радост за кои живееле многу генерации.
Им посака успех на натпреварите, и порача дека без оглед на резултатот, тие се веќе наши херои.
-Горди сме на нашите фудбалери, веруваме дека нивната силна верба, желба и љубов кон земјата и фудбалот ќе бидат токму и најголемата движечка сила која ќе им донесе големи успеси на ова првенство.
Ве сакаме момци без разлика на резултатот, вие го добивте ова ЕП и нашите срца! Бог нека ве води, нека биде со секој од вас, нека биде со Македонија – изјави Арнаудова.
Вики Клинчарова