Ме мразеа толку многу – Тамара доби награда во Албанија и се присети на случката со химната

by fokus

Нашата евровизиска претставничка, поп пејачката Тамара Тодевска, во Албанија ја доби престижната награда за најдобар интернационален изведувач на музичкиот натпревар ,,Кенга меџик” (Магична песна) во организација на ТВ Клан.

-Благодарам ,,Кенга меџик” за наградата најдобар интернационален изведувач, многу ми значи. Ја посветувам на моето семејство, на мојот сопруг, и на сите оние кои што стојат покрај мене сите овие години – порача Тодевска.

На настанот кој што се одржа за време на викендот во Тирана таа ја промовираше својата нова песна ,,Монстерс” (Чудовишта), со музика на Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветковски. Текстот е на Коста Петров.

Од Тирана, во интервју за Wiwibloggs таа отворено раскажа за она низ кое што поминала откако го прескокна стихот со Делчев, Питу и Сандански, при интонирањето на химната во Американската амбасада.

-Беше ненамерна грешка и омразата започна. Ме мразеа толку многу! Тоа беше период кога требаше да бидам среќна, горда на себе, а јас бев затворена помеѓу четири ѕида. Се прашував што се случи…
На луѓето кои ме знаат им е јасно дека никој не може да ми каже што да правам. Едноставно згрешив, не беше професионално, но сите грешат.
Ова е прв пат да зборувам за тоа, но многу им бев лута на моите луѓе. Тие веруваа дека јас сум се продала. Тие заборавија се, само по два месеци! Велат дека жирито гласало за мене бидејќи го променивме името, не, тие гласаа за нас бидејќи бевме добри – појасни Тодевска.

,,Кенга меџик” е еден од најпопуларните музички настани во Албанија. Се одржува од 1999 година.

Изведбата на Тамара за време на настанот, на музичкиот канал Јутјуб имаше над 60.000 прегледи во првите 24 часа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости