МД „Илинден”- Тирана бара формирање на две македонски општини, Голо Брдо и Гора

by Fokus

Македонското друштво „Илинден”-Тирана достави барање до претседателката на албанскиот парламент Линдита Никола, со кое од име на Македонците се бара формирање две општини Голо Брдо и Гора.

Ова поради фактот што во тек е расправа на специјалната   комисија за територијална поделба а барањето е врз основа на „Законот за заштита на националните малцинства во Албанија”.

Според претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај во образложението на барањето се наведени „основани причини за ова легитимно барање на Македонците од двете области”.

– По територијалната поделба во Република Албанија што се случи во 2014 година, областите Голо Брдо и Гора, каде живее македонско население останаа неразвиени. Исто така Македонците не се застапени во локалната власт. Во 2014 година, владата ги укина општините Требиште, Острени и Стеблево, во областа Голо Брдо и ги припои, првите две во општина Булќиза, а општина Стеблево во општина Либражд. Општините Шиштавец и Запот во областа Гора, пак, по укинувањето се припоени кон општина Кукс, стои во образложението, информираше Ѓурѓај за МИА.

Наведуваме, додава тој, дека со формирање на областите во две општини ќе се придонесе во зачувувањето на македонскиот идентитет и побрз економски развој.

– Со формирањето на општините Голо Брдо и Гора ќе се заштити етничкиот, јазичниот, културниот и верскиот идентитет на македонското национално малцинство на овие простори. Воедно ќе ја зајакне економијата на жителите и ќе овозможи развој на областите, кои се најнеразвиени во државата, посочува тој.

Исто така, нагласува тој, ја информираме претседателката на парламентот, дека и со резолуциите, предложени од друштвото а изгласани од Федералната унија на европските националности, ФУЕН, се поддржува формирање на споменатите две општини.

– Изразувајќи ја највисоката почит кон Вас и Собранието на Република Албанија, чиј прв човек сте, преку овој допис, бараме Специјалната комисија за територијална административна реформа во Република Албанија да го поддржи формирањето на општина Голо Брдо и Гора, стои во барањето.

Се наведува дека Македонското друштво „Илинден“-Тирана е регистрирано на 06.02.2009 година во регистарот на Судскиот округ Тирана чија мисија е заштита на етничкиот, културниот и верскиот идентитет на македонското малцинство во Република Албанија.

Поврзани новости