Македонската банкарска асоцијација (МБА) за поплаките на граѓаните дека не може да платат со картичка ниту да извадат пари од банкоматите, во соопштение до јавноста потврдија дека од некои картички не може да се подигаат пари од банкомат.
„ Во име на членките на Македонската банкарска асоцијација, ве информираме дека во моментот кога соопштението се подготвуваше и испраќаше дел од услугите на нашите членки, поврзани со картичните брендови VISA и MasterCard се недостапни – на банкомат или во трговија. Како и досега, средствата на клиентите на банките се достапни во сите експозитури и филијали“, соопштија од МБА.
Од МБА велат дека нејзините членките се во интензивна комуникација со картичните брендови VISA и MasterCard.
„Од досегашните анализи може да се каже дека причината за проблемот не е поврзана со националните телеком оператори, ниту со поединечните системи на банките. По добивање покомплетни сознанија, јавноста навремено ќе биде известена од страна на Македонската банкарска асоцијација“, се вели во соопштението на МБА.