Четриесетидве-годишниот маж од Бузалково, Велес, кому му е одреден притвор во траење од 30 дена, бидејќи запали казино во кое претходно изгубил пари, се соочува со затворска казна од една до десет години.
Против него е поведена истрага поради сомнение дека сторил ,,Тешки дела против општата сигурност” од член 292 став 1 во врска со член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Настанот кој предизвика бурни реакции кај граѓаните се случи на 18-ти јануари, кога мажот прокоцкал пари, па потоа со запалива течност ги полеал апаратите во казиното. Пожарот предизвикал голема материјална штета, но истовремено и голем страв кај лицата кои живееле во зградата над казиното, на улицата ,,Благој Ѓорев” во Велес.
Пожарот бил локализиран дури по два часа, односно пред 20 часот вечерта.
Случајот наиде на бурни реакции и повторно ги актуелизираше барањата на граѓаните да се дислоцираат казината од населените подрачја, бидејќи многу често се места каде се случуваат инциденти, од тепачки со ладно оружје, па и до напади и убиства со огнено оружје.
Лани во март во казино во Капиштец беше убиен 46-годишен маж, а во 2020 година во казино во Блаце беа убиени две лица со автоматско оружје при грабеж.
Во 2017 година пак, кумановец кој престојувал во Охрид ја уби својата сосетка со водоводна цевка и нож, и украл 3.200 денари, кои веднаш по убиството ги потрошил во казино.
Од ,,Движење против коцкањето” во повеќе наврати бараа објектите на игри на среќа со посебен закон да бидат оддалечени три километри од секое населено место, алармирајќи дека имаме епидемија на коцкање.
И до ,,Фокус” во повеќе наврати стигаат реакции од родители на штотуку полнолетни лица, кои алармираат дека нивните деца наидуваат на десетици казина на патот до факултетите каде студираат, и многу од младите студенти, веќе навлегле во светот на коцкањето, а семејствата се соочувале со огромни проблеми.
Пристигаат реакции дека додека деца одат на настава во основни училишта, по пат минуваат покрај казина, каде неретко се случуваат инциденти и не се чувствуваат безбедно. Честа слика се и казината на само неколку метри од библиотеки, аптеки, маркети, на приземје во станбени згради…
Родител од Кавадарци пак, ни раскажа дека поради тоа што неговиот син започнал редовно да посетува казино уште од својата 18-та година и го довел семејството пред просјачки стап, биле принудени сите, односно целата фамилија да се преселат во Германија. Слично искуство имало и семејство од Неготино, кое поради зависноста на синот од коцкање, се преселило во странство.
-Како да ја заштитиме младата популација од овој порок кој уништува цели семејства, а е достапен на секој чекор? – прашуваат.
Од друга страна пак, вработени во казината во земјава, тврдат дека се работи за легална стопанска гранка каде се вработени над 10.000 лица.
Вики Клинчарова