Маж се запалил пред судот во Њујорк каде што се одвива историското судење против Доналд Трамп за тајната исплата за порноактерката Сторми Даниелс. Еден очевидец изјави дека мажот прво фрлил брошури во воздух, по што се полеал со течност од конзерва и се запалил. Тој горел неколку минути.
„Гледам целосно јагленисан човек“, изјави репортер на „Си-Ен-Ен“.
Претставник на итните служби на Њујорк потврди дека еден маж бил однесен на носилки откако самиот се запалил. Причината за инцидентот не е позната.
„Мирис на чад се ширеше на плоштадот по инцидентот, а полицаец прскаше со противпожарен апарат по плочникот“, кажа еден очевидец.
Известувач на „Ројтерс“ објави дека на брошурите пишувало „зли милијардери“ и се повикувале луѓето да ја разоткријат корупцијата, но не се спомнувал Трамп.