Маж ги тепал коњите со стап на кој имало клинци, добил кривична пријава, но коњите не му ги одзеле!

by fokus

Маж од Србјани, Кичево, се изживувал и ги мачел своите осум коњи, со кои вршел дотур на дрва за огрев. Четирисет и едногодишниот А.А. во рок од два месеци ги удирал коњите по глава, со стап на кои имало клинци, и им нанел сериозни повреди, односно расекотини, а потоа не превзел ништо со цел да им се санираат повредите.

Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски за ,,Фокус” го потврди случајот и информира дека против А.А. е поднесена кривична пријава.

-Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело мачење животни, надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево, до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против А.А.(41) од кичевското село Србјани. Тој во периодот од декември минатата, до јануари оваа година, извршил злоупотреба на осум коњи во негова сопственост со кои вршел дотур на огревни дрвја и ги изложувал на тегобна состојба, користел остар предмет со кој им предизвикал расекотини на главите и не превзел мерки за санирање на предизвиканите повреди – ни изјави Димоски.

На нашето прашање што се случува сега со измачените коњи и дали му се трајно одземени на сопственикот, тој вели дека тие останале кај А.А.

-Коњите ги прегледал ветеринар, а потоа по наредба на Јавен обвинител му биле вратени на сопственикот – вели портпаролот, додавајќи дека мачењето на коњите во полиција го пријавил граѓанин кој што се загрижил за нивната состојба.

Вики Клинчарова

Поврзани новости