778
Вики Клинчарова
Најпознатиот зимски туристички центар во земјава, Маврово, и во лето е примамлива дестинација за туристите.
На надморска височина од 1240 метри, под планината Бистра, селото Маврово е идеално место за бегство од горештините и градската врева. Мавровското езеро, реките, пасиштата, пештерите и водопадите се само дел од природното богатство во рамките на Националниот парк Маврово.
Сепак, она што ги одвраќа туристите од летување во Маврово, се високите цени на услугите во хотелите, кои што ги има околу десеттина на број.
Во повеќето од нив, цените за ноќевање со појадок за две лица се движат од околу 2.500 денари, па се до над 6.000 денари. Ручекот и вечерата се доплаќаат дополнително, а цените се како да се наоѓате во некој ексклузивен европски туристички центар.
На пример, салатите со домати и краставица од двесте грама, значи за едно лице, се движат од 200 денари нагоре, а по исти цени се нудат и супите и чорбите. Обична плескавица чини 220 денари, со кашкавал 290 денари, една сармичка се нуди за 100 денари, шпагети и макарони за 300 денари порција.
Рибните специјалитети и готвените јадења изнесуваат над 700 денари за лице.
Безалкохолен пијалок или кафе ќе ве чини од 90 до 100 денари.
Со овие цени во хотелите, на едно четиричлено семејство, на пример, ќе му бидат потребни околу 3.000 денари за ручек или вечера.
При нашата обиколка во Маврово, разговаравме со гости кои што дошле да учествуваат на познатиот Мавровски МТБ маратон, кој се одржуваше за време на викендот. Велат дека убавините на Маврово се неоспорни, но можат да си дозволат да останат само ден – два, поради високите цени.
,,Нема голем избор на хотели, овде сме со сопругата и децата, и сместувањето не чини 25 евра од лице, за ноќевање со појадок, во хотел со три ѕвезди, во центарот на селото. Значи 100 евра за престој, плус уште додатни сто евра за ручек и вечера. Човек да си помисли дека се наоѓа на Швајцарските Алпи!
Во близина нема многу локали и ресторани, а во продавничката среде село се нудат мал број на артикли, како чипсови и кроасани. Колку и да е убава природата, за нашиот стандард 200 евра дневно е многу. Со тие пари може да се плати сместување за цела недела во Грција, на море” – раскажа нашиот соговорник.
Освен скапите хотели, во Маврово може да се најде и приватно сместување викендички и гостински куќи. Таму, двокреветните соби се нудат по цени од 20 до 50 евра за ноќевање.
Тоа што ски сезоната е одамна завршена, очигледно не влијае врз цените во хотелите. За разлика од Маврово, во соседна Бугарија на пример, во познатиот ски центар Банско, каде престојуваат многу македонци во зима, но и во летниот период, цените и во ек на сезона се речиси двојно пониски, и за сместување, и за храна.
Како мала споредба, на Швајцарските Апли може да се најдат модерно опремени хотели со три ѕвезди, по цена од сто евра за ноќевање. На Италијанските Алпи пак, преку интернет страницата на Booking.com се нуди сместување со почетна цена од 5.000 денари. Хотелите сместени во Австриските Алпи исто така се со цени од 5.000 денари, па нагоре.
Вики Клинчарова