„Мавровка“ блокирана, протестот ќе трае до исполнување на барањата

by fokus

Приватните превозници вклучени во јавниот линиски превоз денеска од 7:00 часот со повеќе од 30 автобуси протестираат со целосно блокирање во сите правци на крстосницата кај „Мавровка“, односно булеварот „Гоце Делчев“ и булеварот „Крсте Петков Мисирков“. Од  приватниот градски автобуски превозник „Слобода превоз“ велат дека не е утврдено времетраењето на протестот бидејќи се планира да трае до исполнување на барањата.

Оттаму најавуваат дека ако брзо не се решат нивните барања во наредните денови блокадата ќе се прошири и на други делови од сообраќајниците во Скопје. Во рамките на активностите за решавање на актуелниот проблем денеска „Слобода превоз“ треба да оствари средба со УО на ЈСП, а исто така  претставници на приватните превозници ќе присуствуваат на седницата на Советот на Град Скопје.

Поради најавениот протест, СВР Скопје од 7 часот наутро ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на двата булевара и околните улици. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

– На средбата со УО на ЈСП ќе побараме информации поврзани со долгот на ЈСП-Скопје и зошто директорот не ги исполнува обврските од договорот, како и информации за изнесените невистини од страна на градоначалникот за наводен криминал со билетите за превоз и кражба на пари, кои одговори секако дека ги имаат службите на ЈСП, бидејќи тие се најинволвираните, задолжени и компетентни во целиот процес од набавка , дистрибуција до продажба на билети и за функционирање на АВЛ системот и системот за наплата. Тие како такви точно знаат за тоа каква е вистинската состојба и документација во овој процес наспроти „Слобода превоз“ која нема никаква ниту улога во тој процес и нема никаков пристап до тие податоци. Јавноста не смее да биде дезинформирана особено за состојби за кои постојат записи, аргументи и факти, посочија вчера во соопштение до медиумите од „Слобода превоз“.

ФОТО: Телма

Поврзани новости