Изложбениот центар Матка е добитник на наградата „Музеј на годината“ која ја доделува ICOM (International Council of Museums) – Македонија. Наградата се доделува по повод 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите за особени достигнувања во музејската дејност за 2017 година.
ЕВН Македонија изложбениот центар Матка го отвори минатата година, до сега го посетија над 7.000 посетители, а беше претставен и на Годишната конференција на Европската Музејска Академија. Во Македонија ова е прв центар кој се бави со техничките науки, се служи со модерен музејски пристап и содржината е претставена на забавен и интерактивен начин. Поставката е сместена во зградата на старата хидроцентрала на Матка која за граѓаните на Скопје е од особена важност затоа што го има овозможено растот и развојот на градот во 20 век. На проектот му претходеше интензивна истражувачка работа, а во изложбата денес можат да се видат оригинални стари предмети, архивски материјали, филмови, фотографии, интервјуа и интерактивни модели кои беа изработени специјално за оваа намена и од кои посетителите учат додека ги испробуваат нивните функции и можности.
Матка е отворена секој ден освен понеделник од 10 до 15 часот.
ICOM е најголема меѓународна организација на музејски работници која е присутна во 136 земји и ја сочинуваат повеќе од 35 000 членови. Организацијата има консултативен статус во Економско – социјалниот совет на Обединетите нации. Македонскиот огранок на комитетот е формиран во 1993 година и одтогаш поставува професионални стандарди кои придонесуваат за создавање на квалитетна музејска дејност.