Казните за наводни пречекорувања на издадени лекови, во услови на незголемен буџет за лекови за хронична терапија, при што некои од лекарите биле доведени во ситуација да мораат да враќаат пари, ги натера дел од матичните лекари да излезат пред Фондот за здравствено осигурување. Иако, како што беше нагласено, пари сѐ уште не им биле наплатени, им било ветено дека никој нема да биде казнет.
–Втор проблем е што сите извештаји од специјалистички прегледи и слично, се бараат од матичните лекари. Тоа е еден голем трошок за нас, а парите што ги добиваме не се зголемуваат, што ни претставува проблем во функционирањето. Според нашите анализи, за да опстанеме, потребни ни се многу повеќе пари. Има многу заминувања на здравствен кадар, тешко се наоѓаат медицински лица, рече доктор Љубомир Стефановски, матичен лекар и член на Управен одбор на здружението и потпретседател во Лекарска комора за примарна здравствена заштита.
Доктор Анкица Станоевска, специјалист по семејна медицина, рече дека, дури, ни катедрата по семејна медицина, за жал, досега, од Министерството, како специјализација по семејна медицина, воопшто не била ни признаена.
Филип Дракалски, како млад доктор по општа медицина, рече дека за него е предизвик да ја работи оваа професија.
– Истовремено, сум ограничен при давањето на дополнителни упати за моите пациенти, за доиследување, рече тој, апелирајќи да се сврти вниманието кон нив младите доктори, кои можат да направат позитивни промени во општеството, рече тој.
Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во однос на реакцијата на матичните лекари ја истакнуваат целта за рационално препишување на лекови која што е во сила повеќе од 10 години и поради која им се намалува дел од капитација, доколку некој од матичните лекари ја надмине таа цел.
Појаснуваат дека целта за рационално препишување на лекови е уредена со правилник каде што се дефинира обемот на лекови што може секој од матичните лекари да го препише сразмерно на бројот на пациенти кои ги има прикрепено и во него е дефиниран процентот на препишани рецепти за антибиотици, анксиолитици и останати лекови.
– Во моментов ФЗОРСМ прави пресметки и анализа за да види зошто е дојдено до оваа состојба и дали причините се објективни или субјективни и согласно добиените пресметки ќе постапи соодветно, како никој не би бил оштетен, децидни се од Фондот.