Фондот за здравствено осигурување информира дека како резултат од разговорите и преговорите со Лекарската комора и Стоматолошката комора, а во насока на повисоко вреднување на трудот на избраните лекари и зголемување на квалитетот на пружените здравствени услуги на осигурените лица, на последната седница на Управниот одбор, одржана на 26 декември 2022 година, е донесена одлука, од први јануари 2023 година да ја зголеми вредноста на капитациониот бод за избраните лекари по општа медицина и гинекологија од 63,00 на 75,00 денари.
За избраните лекари стоматолози капитациониот бод се зголемува од 48,00 на 61 денари, по прикрепено осигурено лице, соопштија надлежните.
Заложбите на Фондот, додаваат од таму, се во насока на унапредување на статусот на избраните лекари во примарната здравствена заштита и потребата од нивно поголемо ангажирање во спроведувањето на претстојните реформи во ПЗЗ.
„Поради тоа, зголемувањето на капитациониот бод има за цел да поттикне пружање повеќе здравствени услуги на примарно ниво, а со тоа намалување на бројот на упатувања на повисоко ниво на здравствена заштита, како и да поттикне и обезбеди подобрување на превенцијата со навремено откривање, спречување и сузбивање на незаразни заболувања кај населението во нашата држава“, се наведува во соопштението.