Трансформацијата на системот на примарна здравствена заштита која на денешната прес конференција ја најавија министерот за здравство Фатмир Меџити и д-р Злате Мемедовиќ, координатор за реформи во ПЗЗ при министерството, опфаќа специјализации по семејна медицина за лекарите кои веќе работат како матични лекари, опремување на ординациите и составување на тимови од тројца лекари кои ќе работат во помалите населени места, потоа надградба на МојТермин во кој ќе има посебен модул за упатување на хронични пациенти, ќе се обезбедат средства за ангажирање на втора сестра во матичните амбуланти каде недостигаат.
Д-р Мехмедовиќ објасни дека ќе се направи посебен модул во системот МојТермин за хроничните пациенти за одредени хронични заболувања за да може да се следи дали пацоентот е правилно третиран и ако нешто е испуштено да се повика на преглед. Според него досегашните превентивни програми се покажале како не многу успешни, бидејќи зголемен е бројот на пацеинти со хипертензија и други хронични заболувања.
„Скоро 95 отсто од зболувањата кај нас спаѓаат на незаразни заболувања, што не е добро во однос на другите земји каде тој број е понаков. Затоа е неопходно да нашравиме промени во овој дел и да се намали бројот на одредени незаразни заболувања“, рече д-р Мехмедовиќ.
Министерот Меџити објасни дека трансформирањето на системот на ПЗЗ е во насока на модернизирање и интегрирање на услугите со други области на здравствениот систем.
„ Сите овие активности кои се дел од реформата на ПЗЗ се реформска мерка и во Програмата за економски реформи на Владата за периодот 2023-2025, а доставен е и предлог да влезат во новата стратегија на Светска банка за партнерство со нашата држава за периодот 2024-2028“, рече Меџити.