Матичните лекари одтега ќе имаат повеќе ингеренции во пропишување на терапија и следење на пациентите со хронични болести. Ова на денешниот брифинг со новинарите го најавија Министерот за здравство Фатмир Меџити и д-р Злате Мехмедовиќ координатор за реформи за примарна здравствена заштита при Министерството за здравство.
Д-р Мехмедовиќ рече дека со реформите на примарната здравствена заштита практично го децентрализираат системот.
„Ги доближуваме услугите до граѓаните, нема потреба од закажување преглед кај специјалист за препишување терапија, променет е режимот на препишување на лековите за крвнот притисок, повеќе лекови за контрола на масти кај дијабртичарите, повеќе лекови за астма, ХОББ, повеќе лекови за тироидоза. Матичните лекари имаат повеќе ингеренции може да пишуваат упати кон лабораторија за да го следат пациентот и може да ги препишуваат лековите со исти компетенции, како тоа што досега го правеа лекарите специјалисти. Има два типа на рецепти, едниот е оној што го препишува матичен лекар и еден кој го препишува лекар специјалист. Сега дел од овие лекови ќе може и матичните лекари да го препишуваат, нешто што подолго време го бараа. Нема да се загуби ништо во квалитетот во следење на пациентот“, рече д-р Мехмедовиќ.
Министерот за здравство Фатмир Меџити пак рече дека овие промени се прават во насока да им се олесни на оние граѓани кои не живеат во Скопје, а треба да се препише терапија за некој нивен близок кој не е во можност сам да доаѓа на преглед. Според него со овие промени веќе нема да мора граѓаните да мора да губат ден од работа, за да дојдат да препишат терапија за нивен родител или друг член од семејството.
Тие најавија дека промените во работата на матичните лекари ќе бидат објавени утре во служвен весник, и дека потоа тие веднаш ќе може веднаш да се применуваат.