По седум недели штрајк на Независниот синдикат на Управата за водење матични книги, од утре сите одделенија на Управата ќе продолжат со работа.
За ова на денешната прес-конференција информираше првиот човек на Управата за водење матични книги, директорот Блерим Абази, кој рече дека Управата и Министерството за правда конечно нашле заеднички јазик и оти е потпишан колективниот договор со кој, како што кажа, дополнително се унапредуваат правата на вработените.
-Со потпишување на овој договор дополнително се унапредија правата на вработените во Управата за водење матични книги. Со Колективниот договор се утврдуваат критериумите за годишен одмор, платените и неплатените отсуства, надоместоците на плата, исплата на регрес за годишен одмор, додаток на плата, исплата на јубилејна награда итн – истакна Абази.
Во однос на утврдувањето на платите на вработените во секторот на Управата за водење матични книги, Абази посочи оти до Владата е испратена информација за во најкраток период да се земат предвид нивните барања за покачување на платата за, како што додаде, да се најде решение и по однос на оваа точка.
-Јас како директор земав обврска во наредниот предлог-буџет за 2023 да има предвидување за покачување на платите на вработените од Управата – рече тој.