Веќе неколку дена жителите на Неготино на разни начини ја покажуваат својата солидарност, обидувајќи се да помогнат во собирање на средства за лекување на 11-годишната Матеа Стаменова. На нивната сограѓанка за две недели, односно на 13-ти август и претстои операција во Универзитетската болница Свети Иван Рилски во Софија, Бугарија, и за истата се потребни најмалку 7.000 евра.
Исто така, потребни се финансиски средства и за понатаму, за периодот на закрепнување. Девојчето има потреба од итна хируршка интервенција за отстранување на циста на десната хемисфера на мозокот, и веќе низ целиот град може да се забележи ангажираноста на граѓаните кои се трудат што е можно побргу да се обезбеди потребната сума за лекување.
-Ве молиме, ако сакате да донирате, собираме средства за нашата другарка Матеа, велат неколку девојчиња кои со мала кутија во раце бараат донации за нивната школска другарка во центарот на градот.
Гледаат во минувачите со поглед полн со надеж и молба истовремено. И на градскиот пазар денес дечиња продаваа бижутерија, трудејќи се на свој начин да помогнат во собирањето на средства за својата другарка. Многу локални продавнички веќе ги поставија кутиите за донации, најавен е хуманитарен настан ,,Цртаме за Матеа” на спортските терени во населбата Саат Кула во среда, бројни мали приватни бизниси најавија разни акции, а се вклучи и Општината, односно градоначалникот д-р Горан Стојанов информираше дека ќе бидат одвоени средства од буџетот за лекувањето.
-Станува збор за сума од 60.000 денари од општинскиот буџет, но и во иднина семејството на Матеа ќе добие финансиска поддршка, бидејќи свесни сме дека ќе следи период на закрепнување, потребни ќе бидат редовни контроли, лекарства, кои повлекуваат трошоци. Истовремено упатувам апел до сите општествено одговорни компании, до секој жител на општината, кој е во можност, нека даде свој придонес за Матеа, истакна д-р Стојанов.
Од денес е отворена и донаторската сметка, на која секој може да донира во рамки на своите можности. За ,,Фокус” таткото на Матеа, Игор Стаменов, вели дека е благодарен на солидарноста од сограѓаните, но и на големата поддршка која ја добива Матеа и семејството во овој тежок период.
-Заедно ќе го надминеме овој животен предизвик. Ја добивме донаторската сметка, очекуваме понатаму и телефонски броеви за донации, вели таткото. Инаку, тој е самохран родител, бидејќи мајката на Матеа починала од тешка болест пред подолг период. Целата негова љубов и грижа се насочени кон Матеа и нејзиното братче, и сите заедно со блиските роднини и пријатели веруваат дека таа ќе излезе како голем победник на крајот на оваа битка.
Како што појаснува таткото, поради итноста на ситуацијата, но и поради негативни искуства во досегашното лекување кај нас, се одлучиле за операција во болницата во Софија. За Матеа застанува и платформата ECrowd.mk, која во изминатиот период, откако започна да функционира, веќе стана како еден вид на заедница на граѓаните на кои им е потребна помош, но и на сите оние кои сакаат да помогнат.
Преку платформата се собираат финансии за граѓаните на кои им е потребно лекување, а кои поради одредени ричини не добиле средства од Фондот за здравство. Сите случаи кои се објавуваат се детално проверени и eCrowd.mk е донациски сервис и единствената краудфандинг платформа во Македонија, преку која досега се помогнало на бројни граѓани.
За Матеа, може да се донира на сметката за донација: 210 700000688 642 НЛБ Банка, со назнака донација за Матеа Стаменова.
Вики Клинчарова