Континенталната интеграција е дел од мирот и отсекогаш била во основата на идејата на татковците на Европа. За да се сузбие војната и контекстот интеграцијата треба да продолжи и таа нема да биде целосна без земјите од Балканот, изјави италијанскиот претседател Серџо Матарела на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин претседателот Стево Пендаровски во Скопје.
-Оваа војна се донесе во срцето на Европа. Мислевме дека војната заврши, дека ќе имаме алтернатива, избор на мир, континенталната интеграција е дел од мирот и отсекогаш била во основата на татковците на Европа. Значи, за да се сузбие војната и контекстот – тоа значи дека интеграцијата треба да се направи и таа нема да биде целосна без земјите од Балканот. Значи, мора да има алтернативна соработка меѓу народите која што ќе биде и алтернатива на војната, рече претседателот Матарела на новинарско прашање колку е важна евроинтерацијата на земјава во контекст на војната во Украина, ветувајќи италијанска поддршка и за процесот на преговори на земјава со ЕУ и за реформите.
Претседателот Пендаровски, пак, во однос на потребата од интеграциите, истакна дека изминатите години евроинтеграцијата на Западен Балкан, за жал, вели, не беше приоритет на ЕУ, но и дека се надева дека новиот фокус на регионот ќе биде од потраен карактер.
– Добро е што после неколку години, зборувам не само за мојата држава, туку и за целиот регион, добро е што по неколку години пасивност во таа смисла на последните европски самити имаме отворање на преговорите, одлука за отворање на преговорите со нас и со Албанија што е за поздравување исто така давањето на кандидатски статус на две држави од т.н. источно партнерство – Украина и Молдавија. Јас се надевам дека новиот фокус на ЕУ кон Западниот Балкан не е само заради ургентноста на ситуацијата со руската инвазија во Украина, туку ќе биде од траен карактер затоа што на Балканот во Брисел не би требало да се сеќаваат само кога има големи проблеми како што беше во 2015 и 2016 година – огромната мигрантска криза, рече Пендаровски.
Во однос на британската кралица која почина вчера, Пендаровски посочи дека станува збор за еден од најголемите лидери не само во политичка туку и во поширока хумана смисла на европскиот континент.
-Самиот факт дека седум децении таа кралица беше еден од клучните европски и светски фактори кој придонесуваше за стабилноста на сите континенти не само во Европа доволно зборува за нејзината улога која историјата ќе знае да ја цени по мое уверување токму на ваков начин. И една реченица која би сакал да ја додадам на мојата претходна констатација за кралицата Елизабета Втора, Обединетото Кралство беше една од државите кои најмногу ни помогнаа во етаблирањето на нашата независност. Рековме во текот на вчерашниот ден, го славевме Денот на независноста, 31 година независна држава,е без помошта на неколку држави, особено меѓу кои секако на предно место е Велика Британија мислам дека многу потешко ќе одеше нашето етаблирање во меѓународните односи, рече Пендаровски на заедничка прес-конференција со италијанскиот претседател Матарела.