Во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром е пријавен случај на масовно труење со храна, при што околу 140 ученици од прво до четврто одделение пријавиле стомачни тегоби.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат ги чека резултатите од вонредната инспекција за да се потврди дали станува збор за епидемиско труење со храна.
Според директорот на училиштето, Александар Филипчев, од вкупно 360 ученици кои се хранат во рамките на целодневната настава, околу 140 деца пројавиле симптоми како повраќање, дијареа и стомачни болки.
Овие симптоми се поврзуваат со мусаката и благи бомбици кои биле дел од оброкот, доставени од надворешен оператор. Иако нема хоспитализирани ученици, многу од нив се соочиле со значителни стомачни тегоби.
Наставата во првите четири одделенија е прекината додека инспекциските тимови ги земаат мострите од храната. Според Центарот за јавно здравје, тековната епидемиолошка анализа ќе покаже дали храната е изворот на труењето. Како што изјавија од ДЗСИ, во тек се чекори за детално испитување.