Десет питомци од Воената академија „Генерал Михајло Апостолски” вчера завршиле на Инфективна со симптоми карактеристични за труење со храна.
– Со симптоми на гадење, повраќање, болки во стомак, а кај некои и со течни столици. Вкупно кај нас се евидентираним 10 случаи, третирани се амбулантски, освен еден од питомците кој бил повеќе дехидриран тој е задржан на Клиниката и тој денес се чувствува добро и неговата општа состојба е стабилна – изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести.
Од министерството за одбрана информираат дека дваесет питомци и двајца офицери на Центарот за обука на питомци на Воената академија вчера рано наутро и во текот на денот пријавиле дека имаат мачнина проследена со повраќање. На стомачни тегоби се пожалиле и 4-ца војници во касарната „Боро Менков“ во Куманово.
По добиената информација од страна на министерството веднаш е побарано Воено медицинскиот центар заедно со инспекторите од Центарот за Јавно здравје и од Агенцијата за храна и ветерина да истражат на што се должи овој случај, се вели во соопштението од одбрана.
Инспектори од АХВ, ДСЗИ, ИЈЗ и скопскиот центар за јавно здравје вчера извршиле вонреден инспекциски надзор во кујната каде се подготвувала храна за питомците, како и во комбињата за транспорт и мензата во касарната. Од сите места биле земени примероци за анализа и мостри од храната. Директорот на ДСЗИ вели дека при надзорот кај операторот биле констатирани незадоволителни санитарно хигиенски услови, а вработените редовно оделе на санитарни прегледи.