Масовно движење со теренски возила кај Лешница – загрижените посетители бараат заштита на Шар Планина

by irena 14:57
14:57

Во Националниот парк „Шар Планина“, конкретно во пределот Лешница, во близина на селото Бозовце е забележано масовно движење со АТВ возила, што предизвикува сериозна загриженост кај љубителите на природата и редовните посетители.

Граѓанин, за „Фокус“ вели дека испратил пријава до управата на паркот, при што приложил и фотографија како доказ. Според него, на потесен простор се движелe голем број АТВ возила, создавајќи силна бучава, прашина и деградација на патеките, со што е вознемирен и дивиот свет, како и пешачките посетители.

Во пријавата се бара итна теренска контрола, санкционирање на прекршителите, засилени патроли за време на викендите и јасна сигнализација за забрана на движење со моторни возила надвор од дозволените патишта.

Од Националниот парк велат дека режимот на движење со моторни возила навистина постои, но дека во пракса не се почитува до крај.

„Шара има преку 80 влезови и излези, што значи дека само рампи и знаци не се решение. Луѓе кои живеат во странство и располагаат со поголема куповна моќ секое лето преплавуваат со моторни возила, а контролата е скоро невозможна,“ велат од паркот.

Оттаму додаваат дека ренџерите немаат законска можност за санкционирање, бидејќи не се вооружени и немаат полициски ингеренции.

„Најмногу што можеме е да поднесеме пријава до надлежните институции или да делуваме со опомени и едукација,“ објаснуваат тие.

Веќе е поднесена пријава во полиција за повеќе возила регистрирани и преку трап-камери, а испратен е и допис за засилени контроли до полициските станици во Гостивар, Маздрача, Попова Шапка, Тетово, Теарце и Рогачево.

„Сепак, останува прашањето дали спроведувањето на законите за заштита на природата е приоритет за полицијата и шумската полиција. Според досегашните резултати, одговорот е јасен,“ велат од паркот.

Ограничени ресурси

Според податоците, целиот парк – од Јажинце до Дуф – го покриваат само осум ренџери со четири теренски возила. Освен контрола на моторни возила, тие се справуваат и со пожари, дрвокрадци, ловокрадци, илегални градби, собирање плодови, како и со едукација и мониторинг.

„Да се заштити Шара со осум луѓе е скоро невозможно. Институцијата функционира со самофинансирање, што значи дека за повеќе вработувања се потребни средства и дозволи од други институции,“ нагласуваат од паркот.

Апел за поширока поддршка

Од управата повикуваат јавноста и граѓанските организации да помогнат преку лобирање, јавни настапи и кревање на свеста, бидејќи, како што велат, националните паркови во земјава очигледно не се високо на листата на приоритети на институциите.

„Секоја помош е добредојдена – од менување закони, до јавна поддршка. Нашата цел е да се зачува ова исклучително вредно природно богатство,“ порачуваат од НП „Шар Планина“.

Лешница е многу посетена од планинарите особено од алпинистите и од планинските трчачи. Над шумскиот предел на Лешница постојат неколку бачила, а низ самата долина протекува малата Лешничка Река, која е десна притока на Пена.

Маја Терзиова

Слични вести