Масовни протести во арапските земји по нападот во болницата во Газа

by fokus

Масовни протести денеска избувнаа во неколку арапски земји во знак на поддршка за Палестинците и да се осудат израелските напади врз Појасот Газа.

Како што јави ДПА, лути од израелските воздушни напади врз Газа и разорната експлозија во болница, втор ден по ред во некои земји се одржуваат демонстрации.

Во Тунис околу 17.000 луѓе се собраа во близина на француската амбасада, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи.

Демонстрантите повикаа на протерување на францускиот амбасадор поради, како што ја опишаа, „пристрасноста“ на Франција кон Израел.

Други демонстрации се одржаа пред американската амбасада во Тунис.

Јорданците се собраа во близина на израелската амбасада во Аман, а илјадници изразија поддршка за Газа и повикаа на протерување на израелскиот амбасадор во Јордан.

Според телевизијата Роја, областа е под силни безбедносни мерки, и демонстрантите се држат на растојание од амбасадата откако синоќа се обидоа да упаднат во неа.

Стотици други се собраа во друга област во Аман извикувајќи против „ционистичкиот ентитет“ и, исто така, извикувајќи „Нема амбасада, нема нормализација“.

Во Египет се одржаа протести во различни градови низ целата земја, што е ретка глетка во северноафриканската земја каде властите со години ги задушуваат демонстрациите.

Студентите одржаа демонстрации во Каиро. Стотици други излегоа на улиците во јужниот град Луксор за да ја осудат израелската воена ескалација во Газа.

Египет беше првата арапска земја што потпиша мировен договор со Израел во 1979 година, а Јордан потоа потпиша друг договор во 1994 година.

Илјадници приврзаници на либанската проиранска милиција Хезболах денеска протестираа во јужните предградија на Бејрут поради израелските напади врз Појасот Газа и експлозијата во болница.

За време на демонстрациите во Либан избувнаа судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили. Единиците на либанската полиција употребија солзавец и водени топови за да ги растераат демонстрантите во близина на американската амбасада во Авкар, во близина на главниот град Бејрут.

Поврзани новости