Во Струга денеска традиционално се одржи црковна литија на која се собраа стотици верници, од кои голем дел не ги почитуваа мерките за забрана за групирање и носење на заштитна опрема.
На видео снимката објавена на страницата на Бигорскиот Манастир се гледа дека голем дел од присутните не носат заштитни маски ниту држат дистанца додека свештените лица низ градот ги носеа светите икони.
Станува збор за верски настан на кој традиционално се прикажуваат моштите на светиот великомаченик Георгиј Победоносец заштитник на градот.
Во соопштението на официјалната страна на Бигорскиот манастир настанот беше најавен дека ќе се одвива со посебни протоколи, при што во поворката ќе учествуваат само свештени лица, а локалното население ќе може да ја следи со препорачаната дистанца.
„Поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот, и во согласност со превентивните мерки на државните и здравствените власти, овој пат Литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво, без присуство на верниот народ“, стои во соопштението.