Маските задолжителни, до мај опомени, а потоа казни за неносење

by Fokus

Прво опомена, а потоа од мај и казни ќе добијат оние граѓани кои не ја почитуваат мерката за задолжително носење на заштитната опрема за носот и устата, која заедно со мерката за олеснување на ограниченото движење, почна да се применува од вчера.

Воведените мерки, како што информираат од Министерството за здравство, се клучни во превенцијата од ширењето на коронавирусот.

Граѓаните, како заштитна опрема може да користат респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, памучна марама или шал, бандана и слично, кои ќе  овозможат прекин на преносот на вирусот.

-Носење на заштитната опрема за покривање на носот и устата е задолжително во сите јавни затворени простори како што се средства за јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори каде што нема можноста за одржување на дистанца од два метрa меѓу граѓаните како што се пазари, отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично, информира Министерството.

Оваа заштитна опрема не е задолжителна при престојот во домот, во сопствен двор или тераса, при спортување, возење велосипед или прошетка на отворен простор со одржување дистанца поголема од два метри.

Што се однесува до мерката за олеснување на забраната за движење, граѓаните не смеат да се движат секој работен ден, од понеделник до петок од 19 часот до 5 часот наутро. Лицата над 67 годишна возраст можат да се движат секој работен ден од 5 до 12 часот. Младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13 до 19 часот.

За време на викендите, забраната за движење ќе почнува од 15 часот во сабота, а ќе трае до понеделник до 5 часот наутро. Во сабота, за лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење од 5 до 11 часот наутро, а младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12 до 15 часот.

Со олеснувањето на рестрикциите во движењето, неколку дуќани, бутици, цвеќари во одредени општини веќе почнаа да работат со скратено работно време.

Во Куманово, сопствениците на трговските објекти претпазливо го најавија почетокот на работата на социјалните мрежи. Најголем дел од нив ќе работат со скратено работно време од 11 до 15 часот, додека во сабота ќе работат од 11 до 13 часот, согласно препораките на Владата.

Тие посочуваат дека ќе пуштаат по еден купувач, согласно уредбата на Владата. Граѓаните, како што велат, се должни да носат маска и ракавици при влегување во дуќаните.

-Ние ќе држиме дистанца од два метра. Со нови сили, позитивни мисли од наша и од страна на клиентите, очекуваме да ја пребродиме кризата, затоа што сметаме дека само заеднички може да опстанеме во ова време-невреме. Ќе се потрудиме да бидеме полфексибилни во однос на цените и отворени за секаков вид соработка, со цел да помогнеме да се раздвижи локалната економија, вели сопственичка на цвеќарница од Куманово.

Од денеска стапи на сила и укинувањето на забраната за движење во шума и на шумско земјиште. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, на барање на ЈП „Национални шуми“ во текот на вчерашниот ден ја отповика забраната за движење во шума и шумско земјиште со кои стопанисува ЈП „Национални шуми“, донесена на 16 април годинава.

-Со промената на временските услови и пролетното развивање на вегетацијата, се намали опасноста од појава на пожари на отворено и поради новосоздадените услови Министерството за земјоделство, на барање на ЈП „Национални шуми“, ја укинува забраната за движење во шума и шумско земјиште, истакна Димковски.

Сепак, и по укинувањето на рестриктивните мерки, како што истакна министерот за здравство, Венко Филипче, животот нема да биде каков што бил. Мерките, како што додаде, ќе останат се додека не се пронајде вакцина за коронавирусот.

Тој додаде дека на есен, кога се очекува нов пик, ќе има поинаква организација на многу животни процеси. Ќе остане носењето на маска, дистанца при седење во училиштата, во рестораните, на работните места, во големите производствени сали.

-Животот нема да биде ист како што беше. Не само кај нас, туку и во светот. Секоја држава има своја специфика, но, универзалните мерки остануваат, а тоа се одржувањето на физичка дистанца, носењето маски, да нема групирање. На есен, кога се очекува нов пик, ќе имаме поинакво организација на многу животни процеси. Нема исто да биде организиран и јавниот превоз. Значи, секаде ќе треба да се одржуваа оваа дистанца од метар, метар и половина. Тоа ќе биде така до појавата на вакцината и на таков начин да се стекне имунитет, истакна министерот Филипче.

Поврзани новости