Богатството на поголем дел од најбогати луѓе во светот годинава се зголемило.
Како што пишува „Гардијан“, поскапувањето на животните трошоци значело дека многумина морале да се мачат да имаат пристоен оброк за Божиќ и Нова Година, за разлика од американските технолошки милијардери и руските олигарси, на кои празничниот период им е прилично лесен.
Од Илон Маск и Марк Цукерберг на врвот на пирамидата до релативно малите риби, како што се Британците Џејмс Дајсон и Џим Ретклиф, најновиот акционер на Манчестер Јунајтед, најбогатите главно станале уште побогати во 2023 година, покажуваат бројките.
Дури и група руски олигарси успеаја да продолжат да го зголемуваат своето богатство, барем на хартија, и покрај економските санкции наметнати врз нив во повеќе области како одговор на тековната инвазија на Русија врз Украина.
Од 50 најбогати, 12 изгубиле пари во 2023 година, а меѓу првите 500, дури 77 отсто го зголемиле своето богатство, некои за незамисливи суми.
На врвот е Маск, со проценето богатство од 235 милијарди долари, според листата на 500 најбогати луѓе во светот, според Блумберг.
И покрај извештаите дека неговиот удел во X, порано Твитер, е повеќе од преполовен откако плати 44 милијарди за да го купи во 2022 година, милијардерот се врати назад.
Акциите во компанијата за електрични автомобили се зголемија повеќе од двојно оваа година, со што нивната теоретска пазарна вредност достигна речиси 816 милијарди долари, помагајќи му на Маск, најголемиот акционер на Тесла, да го зголеми своето вкупно богатство за речиси 98 милијарди долари.
Еден од најголемите победници во тој поглед беше неговиот ривал Марк Цукерберг. Богатството на основачот на Facebook скокна за 184 отсто, од 45 милијарди долари на 128 милијарди долари, бидејќи вредноста на матичната компанија Мета порасна за 172 отсто во текот на годината.
На листата на милијардери доминираат американски мажи. Од 10-те најбогати луѓе, Французинот Бернар Арно е единствениот претставник од остатокот од светот, со богатство од 179 милијарди долари кое порасна за 17,2 милијарди долари благодарение на перформансите на неговата луксузна групација LVMH Louis Vuitton.