Италијанската премиерка Џорџија Мелони вчера се сретна со извршниот директор на американскиот производител на електрични автомобили Тесла Eлон Маск.
Разговорите меѓу Мелони и Маск освен за регулативата, се фокусираа и на нискиот наталитет во Италија и ризиците од употребата на вештачката интелигенција, пренесоа италијанските медиуми.
Според објавата на Твитер, италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, разговарал со шефот на Тесла за автомобилскиот и воздухопловниот сектор.
„Подготвени сме да работиме заедно на предизвиците на нашето време, како што е сајбер безбедноста“, напиша Тајани на Твитер.
По средбата со италијанската премиерка Маск за денес има закажана средба со францускиот претседател Емануел Макрон.
Макрон ќе се сретне со Маск по втор пат за нешто повеќе од еден месец, велејќи дека сака да ја промовира Франција како можна локација за втора фабрика на Тесла во Европа. Тема на разговор треба да биде и регулирањето на технологијата.
Во меѓувреме, Тесла најави дека ќе вработат помалку привремени работници отколку што планирале во фабриката на периферијата на Берлин и дека ќе ја скратат работната недела. Фабриката нема да работи во сабота, но ќе ги исполни целите за производство, соопшти компанијата вчера.
Во извештајот на Business Insider американската компанија го одложила планираното зголемување на производството во фабриката од пет илјади на шест илјади автомобили неделно. Тесла оваа година значително ги намали цените во многу земји, користејќи ги вообичаените тактики на производителите на автомобили во период на послаба побарувачка во неповолна макроекономска средина и жестока конкуренција.
Компанијата нуди попусти до 3.490 евра за моделот 3 произведен во Кина и 3.660 евра за моделот Y од Берлин, според глобалната листа на залихи на Tesla Info.