Елон Маск тајно им наредил на своите инженери да ја затворат сателитската комуникациска мрежа Старлинк на неговата компанија во близина на брегот на Крим лани за да спречат таен украински напад врз руската поморска флота, се вели во извадок од новата биографија на Волтер Исаксон за ексцентричниот милијардер.
-Додека украинските подморнички беспилотни летала со експлозив се приближуваа до руската флота, тие изгубија контакт, изјави Исаксон, објави Си-Ен-Ен.
Одлуката на Маск, која ги натера украинските власти да го молат повторно да ги вклучи сателитите, беше поттикната од акутен страв дека Русија ќе одговори на нападот на Украина на Крим со нуклеарно оружје, страв што беше поттикнат од разговорите на Маск со високи руски претставници.
Загриженоста на Маск за мини-Перл Харбор, како што тој го нарече, не се оствари на Крим. Но, епизодата ја открива уникатната позиција во која се најде Маск додека се одвиваше војната во Украина. Намерно или не, тој стана моќен посредник што американските власти не можеа да го игнорираат.
Откако Русија оневозможи добар дел од украинските комуникации, Маск донираше Старлинк на Киев. Тој систем набрзо стана клучен за украинската одбрана. Но, кога Украина почна да го користи Starlink за офанзивни напади, Маск почна да ја доведува во прашање неговата одлука.