Украинскиот претседател Володимир Зеленски доца синоќа остро реагираше на мировниот план кој го предложи основачот на Tesla и SpaceX, Илон Маск, со кој предложи Украина да направи одредени отстапки кон Русија.
Зеленски направи анкета на Twitter со прашање до своите следбеници „Кој Илон Маск повеќе го сакате?“ и притоа тагнувајќи го самиот Маск, а понуди два одговора и тоа „Оној кој ја поддржува Украина“ и „Оној кој ја поддржува Русија“.
Синоќа Маск предложи Русија да организира нови референдуми во отцепените територии, но со набљудувачи од ОН, потоа Украина официјално да се откаже од претензии кон Крим, да гарантира проток на питка вода до полуостровот и да се прогласи за неутрална земја.
-Ова е многу веројатно и да се случи на крајот, напиша Маск кој смета дека прашање на време е уште колку луѓе ќе загинат пред ова да се случи.
И покрај критиките од проукраинските твитерџии и официјалните лица од Киев, Маск остана на својот став велејќи дека бројот на население на Русија ѝ гарантира победа во случај Зеленски да продолжи да оди кон својата цел за повраток на Крим и доколку Москва одговори со објавување на војна.
Маск од претходно е поддржувач на Украина. Ѝ ја понуди услугата на својот сателит Starlink за да може земјата да има интернет уште во првите денови откако руската војска навлезе во украинска територија. Но, Маск е еден од оние кои се противат на одлуката на одредени влади за блокирање на руските медиуми бидејќи наводно ширеле лажни вести.