Со свечен Научно наставен совет, презентација на болидот изработен од студенти во рамки на проектот „Формула студент“ со кој ќе учествуваат на меѓународен натпревар и промоција на магистри и дипломирани инженери во календарската 2023 година, Машинскиот факултет од Скопје го одбележа јубилејот – 65 години од почетокот со работа.
Студиите по машинство започнуваат есента 1959 година на Техничкиот факултет во Скопје во чии рамки беше формиран Електромашинскиот отсек. Во 1965 година, пак, во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е основан Електромашинскиот факултет со два оддела – Електро и Машински по што во 1977 година е формиран Машинскиот факултет.
Факултетот денеска во својот состав има шест институти и еден оддел, а секој од институтите располага со соодветно опремени лаборатории кои ги има вкупно 20 на број. На Факултетот досега дипломирале 8.891 инженер, од кои 827 магистрирале, а 185 докторирале. Во моментов Машинскиот факултет има капацитет да едуцира 1.200 студенти на 10 студиски програми на првиот циклус на студии, 100 студенти на 15 студиски програми на вториот циклус и 20-тина студенти на третиот циклус на студии.