Анекс договорот на Град Скопје за непредвидени работи во фонтаната пред седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ, се однесува на подземниот машински дел, велат од Градот, но не соопштуваат повеќе детали.
„Станува збор за непредвидени работи, поврзани со изградбата на подземниот машински дел на фонтаната која е дел од овој плоштад“, одговорија од Градот на прашања на „Фокус“, но не добивме дополнително објаснување зошто речиси две години по изградба на фонтата се склучува договор за непредвидени работи.
Фонтаната ја изгради фирмата „Урбан инвест“ која со новиот анекс доби дополнитени 50.000 евра од Градот. До сега уредувањето на просторот пред седиштето на некогаш владејачката партија ги чини граѓаните на Скопје 1,9 милиони евра. Само канделабрите на уличката поврзана со плоштадот чинеа 200.000 евра.
Уредувањето опфаќа рељефно обликување на фонтаната со настани, личности и симболи од историјата на Внатрешната македонска револуционерна организација. Спомен обележјето е рељефно дело изработено во мермер.