Младата пејачка Андреа Коевска, која настапува како Андреа, со нејзината песна ,,Circles” е една од шесте селектирани изведувачи, во борба за пат до Евровизија.
Таа е релативно ново име на естрадата, пее на англиски јазик, и веќе има синглови кои се емитуваат на повеќе од 200 радио станици ширум светот. За десеттина дена ќе полни 22 години, свири на гитара и пијано, а нејзиниот талент го препознал композиторот Александар Масевски, со кого започнала соработка.
Мразот го скрши со песната ,,I know” во октомври 2020 година, а нејзината музика има милионски прегледи на Јутјуб, Тикток и други платформи.
Песната со која се натпреварува на Националниот избор на песна за Евровизија, ,,Circles” е со музика и анранжман на Александар Масевски, а текстот е заеднички на Андреа и Масевски.
Онлајн гласањето ќе трае до 4-ти февруари, и од еден уред може да се гласа само еднаш. Победникот ќе биде избран според гласовите од граѓаните и според гласови од стручно жири, во сооднос 50% – 50%.
Евровизија ќе се одржи во мај во Торино, Италија, со две полуфинални вечери на 10-ти и 12-ти, и со големото финале на 14-ти мај. Македонија настапува во второто полуфинале, на 12-ти мај.
Вики Клинчарова