Најмалку 10 луѓе загинаа откако вооружен маж влегол во супермаркет и почнал да пука. Инцидентот се случи во градот Бафало во американската сојузна држава Њујорк.
Во инцидентот трик лица се повредени. Четворица од убиените биле вработени во супермаркетот, меѓу кои и еден припадник на обезбедувањето.
Напаѓачот објавил „манифест“ на интернет, а нападот го пренесувал на „Твич“ (Twitch), социјална мрежа за емитување во живо (стриминг) на видео содржини.
Американското Федерално истражно биро (ФБИ) соопшти дека масакрот во Бафало ќе биде истражуван како злосторство од омраза и „расно мотивиран насилен екстремизам“.
Напаѓачот, 18-годишно бело момче отвори оган во супермаркет, лоциран во кварт со доминантно афроамериканско население, при што уби 10 луѓе, а повреди тројца. Единаесет од жртвите се Афроамериканци.
Напаѓачот кој му се предаде на полицијата и е во притвор, не е од Бафало и до супермаркетот, според полицијата возел со часови.
Американските медиуми, повикувајќи се на неофицијални полициски извори, објавија дека напаѓачот е Пејтон Гендрон и дека потекнува од Конклин, мал град во државата Њујорк, приближно 300 километри јужно од Бафало.