Мартина Митревска е новото лице на поп сцената, кое со промоцијата на спотот и новата песна „Мое мило” ги освои симпатиите на публиката. Девојката која доаѓа како освежување на естрадата е од Скопје, има 21 година и е студент на Факултетот за музичка уметност.
За „Фокус” раскажува дека за снимањето на музичкиот видео запис се одлучила да ги промовира природните убавини на нашата земја, и не згрешила. Целиот видео запис се снимил за помалку од два часа.
-За снимањето беа задолжени од Pyramid Production и ова е мој прв видео запис. Локацијата која што ја избравме се покажа како идеална, снимавме во Куклица, во близина на Кратово. Скаменетите кукли кои се главно обележје на овој регион се вистински ремек дела на природата, и на шега велам дека имаме локации за одлични кадри на кои дури и Холивуд може да ни позавиди. Додека се подготвувавме за снимање со екипата, ни излезе змија, но не испаничивме многу и тоа го протолкувавме како добар знак. Тоа што песната се слуша и привлече внимание кај публиката ми е голема мотивација да продолжам со посилно темпо. Веќе снимив и аудио запис за песната „Baby“, но не запирам овде. Имам големи планови за кои верувам дека со посветена работа и голема љубов ќе можам да ги остварам – раскажува Мартина.
Таа го имаше своето деби пред публиката во 2017 година на музичкиот фестивал „Макфест” каде настапи со песната „Љубовта нема граници”. Вели дека како минува времето, новите стекнати знаења и искуство и помагаат да се претстави во се подобро светло.
-Имам уште многу за учење, знам дека ме чека напорна работа, но решена сум да успеам. Снимав кавери и во минатото, а како минува времето, се позадоволна сум од секоја нова снимка. Свесна сум дека ова е една професија која бара големи жртви, постојано надградување и одговорност. Почетните позитивни реакции од јавноста ми се добар ветар во крилја, а тоа создава едно чувство на одговорност кон публиката и сериозен пристап кон она што допрва ќе го понудам – изјави Митревска.
Додава дека фестивалите на забавна музика и се предизвик и планира да конкурира на реномираните фестови, кои според неа се одличен начин за промоција на новите песни.
Вики Клинчарова