Средствата кои хуманите граѓани можат да ги уплатат како помош за пронаоѓање на младиот Мартин по кого се трага во водите во Грција, ќе бидат искористени за да се ангажираат дополнителни бродови, за ,,Фокус” информираат членови на семејството на Мартин.
Грчките власти продолжуваат со потрагата, но сепак потребни се што е можно повеќе капацитети.
Братот на Мартин, кој живее во Америка, утре треба да слета во Грција и да помогне околу организацијата на потрагата.
-Ова се премногу трошоци за семејството. На целата агонија со која се соочуваме, мора да се мисли и на финансиите, се плаќаат авионски билети, плус низа на други трошоци. Кога ќе пристигне мојот внук Горан, братот на Мартин, во Грција, ќе го чека спремно бротче, авион и брод за длабоки води. Сето тоа ќе го плаќа тој. Не знам што ќе се прави, што ли се ќе треба да продадеме за да се покријат овие трошоци, затоа и се бара помош од хуманите граѓани – за ,,Фокус” раскажува Надица, тетка на момчето.
Додава дека братот на Мартин го чека долг, 17-часовен лет, целото семејство било емоционално и физички исцрпено, но надежта дека нивниот Мартин ќе биде пронајден жив и здрав не ги напуштала.
Потсетува дека Мартин и Горан го изгубиле нивниот татко додека биле доста млади, и животот не ги разгалил. Нивната мајка која сега е во Грција исто така минува низ претежок период, но сите веруваат во среќен крај на потрагата која мора да продолжи се до пронаоѓањето на Мартин.
-Благодарни сме што нашето и грчкото министерство се договорија да се продолжи со потрага, но навистина е потребна помош и од народот за да се ангажираат што е можно повеќе капацитети. Од неверојатно голема важност ни е секоја донација, секоја помош од хуманиот народ. Многу ни заначат сите пораки на поддршка во овие моменти, благодарни сме со цело срце – ни изјави тетката на Мартин.
Денес е шести ден откако момчето исчезна во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики.
Вики Клинчарова