Мартин Гоџоски од Варош го фати светиот крстот што на празникот Богојавление Водици, денеска, беше положен во осветените води на Охридското Езеро. Тој беше најсреќен помеѓу неколкуте стотини капачи.
Мартин светиот крст го фати и во 2022 година.
Светиот крст во водите на Охридското Езеро беше положен од градското пристаниште, а чинот на полагањето го изврши Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Претходно беше отслужена богослужба и света литургија во црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан.
На чинот на положување на Светиот крст присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска – Давкова и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Традиционално, фаќачот на крстот заедно со неговата тајфа денеска ќе ги посетат домовите на охриѓани честитајќи им го големиот празник Богојавление – Водици.
Настанот на градското пристаниште во Охрид го проследија голем број граѓани од Охрид, земјава и светот.