Мароканскиот крал Мохамед Шести денес во болницата во Маракеш ги посети повредените во силниот земјотрес што ја погоди земјата во петокот вечерта, објави официјалната мароканска агенција МАП.
Кралот ја посетил универзитетската болница во Маракеш каде се запознал со здравствената состојба на повредените, по што дарувал крв, наведува агенцијата.
Земјотресот со јачина од 6,8 степени според последните официјални податоци објавени во вторник однел 2.901 живот, а 5.530 лица биле повредени. Епицентарот бил во провинцијата Ал Хауз јужно од Маракеш.
Тоа беше најсмртоносниот земјотрес во северноафриканската земја од 1960 година и најсилен во повеќе од еден век. Во саботата, кралот претседаваше со состанокот во Рабат за состојбата во земјата по земјотресот и мерките за помош на настраданото население.
Спасувачите од Шпанија, Велика Британија и Катар им помагаа на мароканските тимови за пребарување, додека Италија, Белгија, Франција и Германија изјавија дека нивните понуди за помош допрва треба да бидат одобрени.
Ситуацијата е најтешка за луѓето во оддалечените области отсечени од лизгање на земјиштето предизвикано од земјотресот.