Државната компанија за производство на струја АД ЕСМ објави повик за јавна набавка со скратени рокови, со цел да се ангажира нова компанија која ќе врши ископ во РЕК Битола откако беше раскинат договорот со „Маркоски компани“, која нема да може да учествува на тековната тендерска постапка бидејќи заработила негативна референца.
– ЕСМ изминатиот петок објави нов јавен повик кој ќе биде со краток рок кој ќе трае 20 дена. „Марковски компани“ нема да може да учествува затоа што има негативна референца – изјави денеска генералниот директор на ЕСМ Лазо Узунчев, додавајќи дека засега нема информација дека „Марковски компани“ поднела жалба или отпочнала некаков друг акт против едностраното раскинување на договорот.
Според проверките што ги извршивме во Бирото за јавни набавки, во евиденцијата на компании со активна референца, која ги оневозможува во определен рок да учествуваат на тендерски постапки, се уште ја нема „Марковски компани“. Меѓутоа, може да се сретне новиот оглас за ископ на јаглен и јаловина во ПК Брод Гнеотино (РЕК Битола), објавен на 13-ти декември оваа 2024 година, со краен рок за доставување на понуди до 2 јануари следната 2025 година.
Притоа, во огласот не е објавена проценета вредност на јавната набавка и се наведува дека претходно не е извршена проверка на пазарот. Всушност, отворената постапка за склучување на договор со времетраење од една година се спроведува со скратени рокови, поради „итни причини“. Како критериум за доделување на договорот за јавна набавка е најниска понудена цена.
Патем, се бара изјава за сериозност, додека банкарската гаранција е 5 отсто од вредноста на договорот. Воедно, се забранува здружување на група економски оператори во соодветна правна форма заради извршување на договорот по извршен избор на најповолна понуда. При утврдување на способноста на понудувачите, пропишани се низа критериуми.
Дополнително, во однос на
Како што е познато, по промената на власта на последните избори, што донесе и промена во раководството во ЕСМ или поранешно ЕЛЕМ, државната компанија го раскина договорот со „Марковски компани“ поради неодговорно, нестручно и ненавремено реализирање на обврските. Станува збор за договор склучен годинава во висина од 46 милиони евра, при што 10 отсто од работата им припаѓала на тројца подизведувачи, меѓу кои се две струмички компании поврзани со семејството Заеви – „Сим инженеринг“ и „Јавор транс“.
-Носителот на набавката не ги испочитува предвидените обврски за одговорно, целосно, стручно, квалитетно, совесно и навремено извршување на задачите согласно техничката спецификација. „Марковски компани“ како ангажиран оператор со несоодветно постапување покрај тоа што во континуитет не успевал да ги испорача договорените количини на јаглен, директно ја загрозил енергетската стабилност на државата – рече директорот на РЕК Битола, Тони Петрушевски.
Инаку, овој договор за јавна набавка беше склучен на 13-ти февруари 2024, чие извршување практично веќе престанува да важи согласно член 15 од самиот договор. Официјалните податоци говорат дека „Марковски компани“ го добила тендерот вреден 2,8 милијарди денари во конкуренција на „Пелистер“ и „Гранит“. Впрочем, се работи за т.н. рамковна спогодба со времетраење од 18 месеци, или до август 2025, но никогаш нема да се исцрпи во целост откако договорниот орган реши да ја поништи.
Кога беше објавен огласот за оваа јавна набавка, исто како и во тековниот оглас, стоеше дека не е извршена проверка на пазарот, како и дека се бара банкарска гаранција од 5 отсто. Меѓутоа, за разлика од сега, тогаш беше наведена проценета вредност од 2,4 милијарди денари. Има ли други разлики меѓу двата огласи, односно во критериумите и условите меѓу двете постапки?
И во едниот и во другиот случај останува најниската цена како главен критерум, но има разлика во делот на економска и финансиска состојба. Ако во рамки на тендерот што го доби „Марковски компани“ се барало минималниот годишен приход на економскиот оператор да не биде помал од 600.000.000 денари во последните три години (2022, 2021, 2020), во тековната постапка се бара, како што веќе напишавме,
Потоа, во претходната тендерска постапка се барало економскиот оператор да има извршено најмалку една услуга за ископ од минимум 1.000.000 тони јаглен или 8.000.000 кубни метри земјени или карпести маси или руда кумулативно за последните 3 години, додека во тековната постапка се бара мехаизацијата?
Кога ќе се споредат стариот и новиот оглас, произлегува дека сега значително се омекнати условите во однос на финансиската кондиција на заинтересираните понудувачи, како и во однос на нивните референци, односно досега завршените работи од ист вид, но исто така може да се забележат разлики и во однос на механизацијата што се барала претходно и што се бара сега, т.е. во техничките карактеристики на машините.
За потсетување, непосредно пред политичките промени на средината на 2017 година, поранешниот директор на ЕСМ од СДСМ Васко Ковачевски ја обвинуваше „Марковски компани“ во сопственост на почесниот белоруски конзул во земјава Борче Марковски дека е блиска до Сашо Мијалков, шеф на тајната полиција во време на ВМРО-ДПМНЕ предводено од неговиот братучед Никола Груевски. Но, „Марковски Компани“ продолжи да добива многу вредни тендери од ЕСМ и во време на СДСМ.
Иако компанијата доби неколку тендери и откако на власт се врати ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски, сепак, потоа следуваше поништување на нејзиниот највреден договор, што претставуваше вовед во покренување на судска постапка, но и изрекување на негативна референца. Како што објавивме, дел од договорите меѓу ЕСМ и „Марковски компани“ ги истражуваат и надлежните институции. Во меѓувреме, беше отворена истрага за набавката на адитив за котлите во РЕК Битола, при што Ковачевски е осомничен за несовесно работење.
Влатко СТОЈАНОВСКИ