„Марковски Компани“ доби тендер за ископ на јаловина во РЕК Битола вреден 5,5 милиони евра

by Фокус

Државната компанија за производство на струја АД ЕСМ склучи договор со битолската компанија „Марковски Компани“ за ископ на јаловина во РЕК Битола во следните 12 месеци, чија вредност изнесува 342 милиони денари или околу 5 и пол милиони евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.

Ова е прва јавна набавка за ангажирање на механизација за потребите на РЕК Битола откако и формално пропадна тендерот на АД ЕСМ за набавка на сопствена механизација, со што не би постоела потреба да се одлевааат милионски суми кон приватни компании.

Ваквата јавна набавка беше започната веднаш по промената на раководството на АД ЕСМ во 2017 година, но таа никогаш не беше комплетирана, а следната беше поништена од Комисијата за жалби по јавни набавки.

Инаку, „Марковски Компани“ во сопственост на Борче Марковски е една од неколкуте компании што во изминативе години редовно добива високи тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола.

Пред политичките промени, владејачката СДСМ како опозиска партија ја обвинуваше компанијата за блискост до тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ, а сегашниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски дури ја нарече компанија блиска до тогашниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков.

На истиот ден кога беше објавен овој договор за ископ на јаловина, АД ЕСМ објави оглас и за ангажирање на помошна механизација за потребите на рударската оператива во рудниците на РЕК Битола.

В.С.

Поврзани новости