Марко, момчето кое го преплива Охридско Езеро: Покажете дека се грижите!

by fokus

Марко Пејчиновски стана херој кога лани, на 28-ми август го преплива Охридското Езеро за девет часа, на свои 12 години. За момчето од Охрид, кое и покрај здравствениот проблем со труд и големи напори успеа да си го оствари сонот известуваа медиумите од целиот регион.

Бидејќи поради здравствената состојба не бил во можност да се занимава со разни физички активности, тој се насочил кон единствената спортска активност која бил во можност да ја прави – пливањето.

Од здружението ,,Живот со предизвици” велат дека Марко повторно сонува за нови подвизи и ја насочил својата енергија кон поставување на нови поголеми предизвици. Се подготвувал за нов подвиг, кој ќе го посветел на децата со ретки болести, со цел да го сврти вниманието кон нив и да ги направи видливи за општеството.

-Децата со ретки болести живеат живот полн со предизвици. За нивна навремена точна и бесплатна дијагноза, за нивна видливост пред институциите и системот да бидеме дел од нивната борба, да бидеме делчето кое недостасува. Марко ве повикува: Бидете дел од тимбилдингот „Лица со ретки болести“ на Охрид трчаТ! Од 8.000 ретки болести во светот, само за 5% постои некаква терапија која ќе им го подобри квалитетот на живот. Додека се истражуваат лекови единствен начин да им се помогне на семејствата кои се соочуваат со дијагнози за кои нема лекови е да се обезбедат социјални услуги и вклучување во сите сфери на животот. Покажете ја својата реткост, покажете дека се грижите.

Трчаме за подобри услови за рехабилитација (физичка и психичка), за психолошка помош и поддршка, за навремени и точни информации, за физиотерапија во соодветни услови во сите градови, за дневни центри во кои децата може да се дружат, за воведување на подобри услови за клинички студии! Трчаме за навремена точна и бесплатна дијагноза! Трчаме за пристапност и достапност на лековите кои живот значат! – информира Гордана Лолеска од здружението.

Вики Клинчарова

Поврзани новости