Популарниот јутјубер Марко Марковиќ (22), познат како ГП се одјави од етерот. Во видео порака тој се збогуваше со своите следбеници, и кажа дека повеќе нема да објавува видео клипови.
Причината за неговото повлекување, вели дека лежи во неговата префорсираност, бидејќи бил оптоварен со многу обврски околу факултетот, и сака да се врати во нормала.
-Не дозволив славата да ме удри многу во глава, но има моменти кога се запрашував, чекај, што правам јас? Сите работи се споија, ова е правиот момент да се збогувам.
Притисок, нервози, стрес, сето тоа беше причина за овој чекор. Физички не можев да бидам квалитетен во Јутјуб и програмирањето, не е возможно.
Знам дека оваа одлука, да завршам со Јутјуб, ќе скрши многу срца на мои фанови кои редовно ме следат, но тоа е ситуацијата- појасни јутјуберот.
Раскажа дека снимањето на видеата му одземало многу време и енергија. Секогаш туѓата среќа ја ставал пред својата, и давал максимум за да снима квалитетни видеа, без оглед на нервозите и притисоците.
-Се чувствувам како животно од зоолошка кога ќе излезам надвор. Сите сакаат да се фотографираат со мене, не знаете колку лошо ми влијаеше тоа што цели осум години, секогаш кога ќе излезеш да треба да се сликаш, без оглед дали си среден и како се чувствуваш – раскажа Марко ГП.
Тој е еден од најпопуларните јутјубери помеѓу младите генерации. Неговите видеа имаат милионски прегледи, односно над 200 милиони откако се појави во етерот.
Вики Клинчарова