Ако се водиме според изреката ,,Големината на една нација може да се процени според начинот на кој ги третира животните”, Македонија според досегашните искуства, не може да се пофали како нација каде животните имаат хуман третман и достоинствен живот.
Труени, тепани, чувани во нехумани услови, напуштени од сопственици, пукани со воздушни пушки, убиени со секири… долга е низата на трауматични настани и изживувања врз животните на кои сведочи јавноста и кои се нашле и во билтенот на Министерството за внатрешни работи, класифицирани како кривични дела.
Сепак, во изминатот период се побројни се поединците кои со свои хумани гестови покажуваат дека свеста на оваа тема кај нас, иако бавно, може да се менува на подобро.
Таков случај деновиве доаѓа од Неготино, од маркетот Кит-Го во центарот на градот, каде среде најголемите жештини, внатре во близина на влезната врата, во делот за реквизити за плажа, често одмора бездомно куче.
Бројни се граѓаните кои овој гест на вработените во маркетот, да му се дозволи на кучето да се засолни од пеколните температури, го дочекаа со поддршка и одобрување. Па така, за оние на кои односот кон животните е важен показател за имиџот на една компанија, односно на вработените, ова им е причина плус почесто да свраќат во истата.
Слични приказни доаѓаат и од други градови во земјава, каде станува се почеста пракса да се пуштат бездомни животни внатре во бутици, маркети, па и угостителски локали, со цел да им се олесни тешкото секојдневие. Во зима да им се даде прибежиште од студот, во лето од горештините, па и да им се остават садови со вода и храна пред објектите.
,,Фокус” минатата зима пишуваше за пејачот и угостител Адријан Гаџа, пред чиј ресторан Ча Ча во Скопје има направено легла за неколку бездомни кучиња, кои редовно ги хранат вработените, и на истите им е дозволен и влез внатре во ресторанот, а гостите веќе се свикнати на нив и на сите им дале име.
-Бидете љубезни со животните, тие ќе ви возвратат со љубов и приврзаност, ни изјавија тогаш вработенте во локалот Ча Ча.
Ваквите позитивни примери се доста чести во соседството, во Грција, но и во Турција, па таму речиси пред секој објект има поставено садови со вода и храна, а кутриња кои одмораат внатре во продавници, дури и во објекти на луксузни брендови, се нешто сосема вообичаено.
Дури и во Белград, во ресторанот на Новак Ѓоковиќ, кој го води неговиот татко, дозволен е влез на кучиња.
Пред четири години ,,Фокус” беше во локалот од каде објави репортажа, а персоналот со гордост кажуваше дека сите вработени, на чело со фамилијата Ѓоковиќ се пријателски настроени кон кучињата и дека овие крзнени суштества секогаш се добредојдени во нивниот ресторан.
Инаку, кога станува збор за бездомните кучиња во Тиквешијата, изграден е регионален центар во Глишиќ, Кавадарци, каде ќе се згрижуваат животните од повеќе општини. Центарот треба да започне да фунционира наскоро, откако ќе бидат завршени сите потребни административни процедури, па бездомните кучиња од околината ќе бидат сместени таму.
Вики Клинчарова