Младиот Марјанчо Костовски од Прилеп, за кого пред два дена негов сограѓанин апелираше да му се обезбеди кров над глава, бидејќи по смртта на мајка му останал во разурната куќа, ќе живее кај негов сосед.
Тој самиот се понудил да го згрижи момчето кое нема блиски роднини и е препуштено на себе и му обезбедил трајно сместување.
Веста дека Марјанчо, кого јавноста го запозна пред повеќе од десет години по неговото појавување на аудицијата на музичкото шоу ,,Идол” е станбено обезбеден, ја објави неговиот сограѓанин Даниел Кочоски, кој прв апелираше за решавање на проблемот на младиот човек.
-Барем да има кров над глава, топла постела и да основни услови, да има каде се избања. Остана сам, мајка му почина, а на неговата стара куќа и е паднат кровот – раскажа пред два дена Кочоски.
Сега вели дека го радува што за помалку од десет часа се решил проблемот со сместувањето.
Инаку, за Костовски вели дека е чесен и вреден човек, кој добивал месечна помош од државата од 5.000 денари, а исто така и продавал Лото.
Тој упати апел до поголемите компании во Прилеп, доколку се во можност, да му понудат стабилно вработување на Марјанчо.
Вики Клинчарова