Резиборот на Марјан Цветковски за директор на Македонската радио телевизија не оди во прилог на реформирање на јавниот сервис и неговото ослободување од политичка контрола, велат од Здружението на новинари на Македонија.
Од таму сметаат членовите на Програмскиот совет на МРТ, кои одлучуваат за реизборот на Цветковски, се поставени во Советот спротивно на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Законот, велат од ЗНМ, спречува лицата кои во последните пет години биле носители на јавни функции, да бидат избрани за членови на Програмски совет. И покрај тоа во Советот членуваат две поранешни пратенички на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен амбасадор и поранешен општински портпарол.
„Го повикуваме Собранието да констатира неспоивост на функции и да ги разреши од Програмскиот Совет на МРТ Јагнула Куновска и Косана Мазнева, поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Агим Љека, поранешен амбасадор и Снежана Клинчарова, поранешен портпарол на општина Бутел. ЗНМ предупредува дека реформите во јавниот сервис не смеат да бидат предметна политички пазар меѓу власта и опозицијата, на штета на јавниот интерес“, велат од ЗНМ.
Од таму додаваат дека изборот на Цветковски е резултат на силниот притисок што врз членовите на Програмскиот совет го правеа опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владината ДУИ.
„За жал, членот на ЗНМ, кој не го поддржа изборот на Цветковски, не успеа да ги убеди членовите на Советот новиот директор да биде искусен менаџер, кој не е поврзан со ниту една партија. Потсетуваме дека најмалку четворица членови на Советот кои гласаа за Цветковски, во оваа тело се избрани спротивно на законот“, посочуваат од таму.