Фолк музичарот Марјан Коцев се вакцинираше против Ковид-19. Во телефонски разговор за ,,Фокус” вели дека се надева како и останатите од музичката бранша ќе го следат неговиот пример и ќе се имунизираат, со цел побргу да им се врати животот во нормала.
-Изминатиот период беше посебно тежок за естрадните уметници. Оние кои живеат само од музика, знаат добро како се одрази пандемијата и забраните за настапи врз нас и врз нашите семејства. Јас имав договорено низа на настапи во земјава и странство, свадби, турнеји… Сите се откажаа, останав како и другите колеги, во една неизвесност, ни преостана само да чекаме кога ова ќе биде зад нас и да се надеваме дека за кратко време ќе заврши пандемијата. Нема потреба да раскажувам што значи за едно семејство со две деца, да остане само со една плата. Живееме од примањата на сопругата, живот е скап, но моравме да се прилагодиме – вели кавадарчанецот, кој со семејството веќе подолг период живее во Скопје.
Пред пандемијата, тој беше еден од најангажираните музичари, кога се свадбените забави во прашање, а беше редовен гостин и на настапите кај нашата дијаспора. Раскажува дека веќе стапил во контакт со свои пријатели во Австралија каде често настапуваше, и се надева дека по примањето и на втората доза од вакцината, ќе има можност да им се врати на концертите.
-Јасно ми е дека има голем број на луѓе кои гледаат со сомнеж на вакцината, но мора да сфатиме дека тоа е наука, а не игра, и нема потреба да се гледа со скептизам на процесот на вакцинација. Не ми беше важно која вакцина ќе ја примам, и верувам на науката. Се вакцинирав веднаш по мојот 46-ти роденден, немам никакви симптоми, функционирам во најдобар ред. Сакам да ги поттикнам и останатите од естрада да не чекаат, што побргу се вакцинираме, толку побргу ќе се вратиме на стариот живот-појаснува Коцев.
Додава дека уште на самиот почеток го сфатил вирусот сериозно и се придржувал до мерките за заштита.
-Заштитните маски ни станаа секојдневие на сите во семејството, и моите деца не излегуваа надвор без нив. Секој ден читав за луѓе кои не се избориле со вирусот, помеѓу нив имаше и мои познати. Не можам да ги сфатам оние кои на секој можен начин гледаа на некој начин да ги изиграат мерките, а со тоа направија штета на целата заедница. И кога се во прашање концертите на странските гости, кои ни доаѓаа минатата година, во време кога мерките тоа го дозволуваа, сите сведочевме на грубо кршење на правилата, кое за жал, го плативме сите, и совесните и несовесните. Да се надеваме дека сега веќе лекциите се научени, да дадеме свој придонес во надминувањето на оваа ситуација, да се имунизираме и да очекуваме повторно враќање на музиката помеѓу народот – раскажува музичарот.
Во времето кога на сила беа долгите полициски часови и карантини, тој вели дека времето го минувал со семејството, но немал желба да твори, за разлика од негови колеги кои го искористија карантинот за создавање на нови музички дела.
-Тежок ни беше тој период, буквално не мрдавме од дома. Немав инспирација за нови песни, се трудев само максимално да помогнам со почитување на мерките за заштита, оти тоа беше моја, но и должност на секоја единка во општеството, тоа беше нашиот придонес во надминување на состојбата. Ќе повторам пак, имунизацијата моментално е единствената опција која може да помогне во сузбивање на пандемијата, да си помогнеме самите на себе, да им помогнеме на здравствените работници, за што побргу да ни се врати музиката во животот – ни изјави Коцев.
Вики Клинчарова