Марјан Доказ седна на обвинителна клупа – јавноста исклучена за да не се изнесуваат детали од личниот живот на оштетените

Во судницата се појавија шестмина оштетени сведоци, меѓу кои и двете новинарки на „Фокус“ - Валентина Вурмо и Ирена Мулачка.

by fokus

Сопственикот на порталот Доказ Марјан Стаменковски денеска седна на обвинителна клупа во Кривичниот суд, каде му се суди за повеќе кривични дела.

По барање на Обвинителката Зорица Павловиќ и со одлука на судијката Марија Клетничка, јавноста беше исклучена од почетокот до крајот на главната расправа, бидејќи на неа ќе се изнесуваат лични детали од животот на оштетените.

-Предлагам судот да ја исклучи јавноста во овој предмет, се работи за кривични дела против моралот, заради заштита на приватниот живот на оштетените и сведоците бидејќи ќе се изнесуваат лични и интимни односи и ќе се изнесуваат детали од личниот и семејниот живот, рече Павловиќ.

Судот го прифати предлогот на обвинителката и ја исклучи јавноста.

Во судницата се појавија шестмина оштетени сведоци, меѓу кои и двете новинарки на „Фокус“ – Валентина Вурмо и Ирена Мулачка.

Стаменковски е обвинет за неколку кривични дела: две дела за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и по едно уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

Стаменковски беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости