Марјан-Доказ ја напуштил Кардиологија и се вратил во Шутка, сакал да се лекува во приватна болница, немал доверба во јавното здравство

by Fokus

Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „ДоказМ“ кој е во притвор во затворот „Скопје“, после десетина часа поминати на скопската Клиника за кардиологија повторно се вратил во Шутка, откако одбил да се лекува во оваа државна болница, каде требало да биде хоспитализиран.

Ваквите информации за „„Фокус“ ги потврди и директорот на затворот Филип Андов, кој истакна дека Стаменковски сам си го потпишал отпусното писмо и се вратил во затворот „Скопје“.

„Требаше да биде задржан на клиниката, но тој сакал да се лекува во приватна болница и сам си потпишал отпусно писмо и е вратен во притвор. За лекување во приватна болница одлучува судија на претходна постапка. Стаменковски немал доверба во државната болница и си замина од таму и повторно е вратен назад“, истакна Андов.

Според нашите информации, Марјан-Доказ барал да се лекува во приватната болница „Аџибадем-Систина“.

Стаменковски е во притвор повеќе од еден месец. Се гони дека сторил две кривични дела – ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, а потоа и уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело, злоупотреба на лични податоци.

Досега се одржаа неколку рочишта, на кои, Марјан Стаменковски се сретна со оштетените во процесот, кои биле негов таргет.

Не призна вина и реши да се брани и да докажува дека не сторил ништо незаконски.

И.М.

 

Поврзани новости