Марија Танчевска од Кавадарци е девојка која своето слободно време го посветува на уметноста, поточно на сликарството. Таа почнала да слика уште од 2015 година, а го избрала сликарството сосема случајно, барајќи свое хоби.
На почетокот гледала некои видеа на Јутјуб за сликање, но потоа продолжила самостојно. Танчевска уште првиот ден зела повеќе работи и видови бои, но подоцна констатирала дека најдобро умее со маслените бои.
Низ годините, таа многу научила за сликарството и начинот на цртање, па сега ѝ е потребен помалку од половина час за да создаде едно дело.
Љуби да слика апстрактни слики, а во последниот период посветува внимание и на лични портрети. Вели дека сите слики ѝ се драги, па дури и некогаш со тешко срце ги продава некои од нив.
„Сакам да се внесам во сликата, да вдахнам моја емоција, чувство“, вели во разговорот Марија.
Инспирацијата за творење е многу важен фактор за секој уметник, па таа не познава време и простор.
„Инспирацијата ме наоѓа мене. Често се случува – не можам да заспијам во 3 часот по полноќ, па ќе ми дојде некоја идеја, ќе цртам нешто“, раскажува Танчевска.
Иако по професија е лаборант, таа во иднина има желба професионално да се занимава со сликарството.
Јорданчо Цветаноски